Американската Централна разузнавачка агенција ЦИА ги проширува своите тајни операции во Авганистан, во потрага и убиства на талибански милитанти, објавува весникот „Њујорк тајмс“. Во текст објавен на 22 октомври, кој се повикува на изјавите на двајца неименувани високи претставници на американските власти, се наведува дека паравоена дивизија на ЦИА распоредува мали тимови на искусни војници и приватни соработници, кои заедно со авганистанските сили треба да ја извршат задачата. Во извештајот се вели дека активностите ги води тимот на ЦИА за специјални активности, а според весникот, тоа е последниот знак на сè поголемата улога на ЦИА во стратегијата за конратероризам на претседателот Доналд Трамп.
ЦИА одби да коментира за извештаите за нивната проширена улога во Авганистан.
Агенцијата претходно беше повеќе фокусирана на победата над Ал Каеда и повеќе им помагаше на разузнавачките служби во Авганистан, отколку во директната борба против талибанците во Авганистан. Но, во август, американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека ќе ги олабави ограничувањата во борбата против милитантите.