Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска повтори дека до Собранието ќе поднесат иницијатива за распишување на референдум за договорот со Бугарија, обвинувајќи ја владејачката СДСМ дека го донела во нетраспарентна атмосфера, без консултации со граѓаните и стручната јавност, а дека тој содржи штетни работи за државата и народот.
“Граѓаните имаат право и мораат да се произнесат за ваквиот асиметричен договор кој Mакедонија ја става во нерамноправна положба и предизвикува чувство на штета и трајни последици по македонскиот идентитет” рече денеска на прес конференција Крсте Јовановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија преку соопштение реагира наведувајќи дека резултатите од првиот круг на локалните избори недвосмислено ја докажувале јасната поддршка на граѓаните за заедништвото и соработката за кои се определила Македонија.
“Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија затвора долгодишно отворено прашање, истиот е во интерес на двете држави и нивните граѓани и е добар за националните и државни интереси на Република Македонија" се наведува во соопштението на СДСМ.
Од таму додаваат и дека владата предводена од СДСМ водела политика на пријателство и соработка и ги решавала сите отворени прашања кои Македонија ги имала во надворешната, но и во внатрешната политика.