Груевски не бега од одговорност, но за неа ќе се дискутира по изборите

Архивска фотографија-претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во синоќешното интервју на ТВ Алфа оцени дека првиот круг од локалните избори се нелегитимни, но дека на надворешниот фактор му одговарало, како што нагласи, да не го види тоа.Тој рече и дека два пати ги повикувале амбасадорите и ОБСЕ да ги информираат за изборните нерегуларности, но дека се гледало оти не биле дојдени, како што рече, да спречат нешто.

“Ќе ни се заблагодареа и ќе ни речеа ви благодариме за вашата точка на гледање. Ги викавме и амбасадорите, ќе не сослушаа и толку. Изгледа некому му требаше СДСМ на власт за потоа со нив да решаат значајни прашања за нашиот идентитет” рече Груевски.

За тоа што се случило на овие избори со резултатите на ВМРО-ДПМНЕ тој лоцираше две работи. Првата, како што рече, била страшен терор, уцени, закани, заплашувања и многу поткуп на гласачите од страна на актуелната власт, автората е дека партијата била казнето и била испратена порака до него и до раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски смета дека граѓаните оцениле дека партијата отстапила од сопствениот идентитет кој се засновал најмногу на заштита на националните и државни интереси и градење проекти.

“Ние на овие избори и во периодот пред него се обидувавме да им се допаднеме на некои други и тоа не им се допадна на дел од нашите традиционални гласачи” рече Груевски.

За неговата лична одговорност рече дека не бега од неа, но дека за тоа ќе се дискутира по изборите и по длабинската анализа што ќе ја направеле.

Во врска со настаните од 27 април во собранието Груевски рече дека многу луѓе биле испровоцирани да влезат внатре и дека некој намерно ги испровоцирал со незаконскиот избор на претседател на Собранието.Казната од четири години затвор за човекот кој ја нападна тогашната пратеничка од СДСМ, а сега министерка за одбрана Радмила Шекеринска ја нарече премногу сурова.

“Ако сакаат да се пресметуваат со ВМРО-ДПМНЕ, ние сме тука. Мене нека ме уапсат, колку сакаат нека ми дадат години, доживотен затвор ако сакаат нека ми дадат, раководството нека го уапсат, нека не гонат луѓе кои во емоција влегле и грешиле” рече Груевски.