Портпаролот на руската амбасада Станислав Лупин денеска за МИА изјави дека самата содржина во владиното соопштение по вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Олег Шчербак не е спорна, туку спорно е тоа што како цитат биле објавени зборовите на амбасадорот, без негова согласност и знаење.
Претходно, амбасадата реагираше дека владиното соопштение „не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија“. Во реакцијата објавена на нивната Фејсбук страна, руската амбасада реагира дека „текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна“.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски потоа рече дека Владата својот став за средбата го искажала во вчерашното соопштение до јавноста и оти владата „нема пракса да усогласува став во врска со соопштенија од ваков вид средби“.
Портпаролот на руската амбасада Лупин вели дека дипломатското претставништво не сака да дава дополнителни коментари, бидејќи целта на реакцијата не е, како што посочи, да се отпочне јавна полемика за содржината на средбата меѓу амбасадорот и премиерот.
Според Лупин, станува збор за процедурално прашање. Тој истакна дека целта на руското соопштение е да се даде на знаење дека владиното соопштение било објавено спротивно на меѓународната пракса, односно било објавено без консултација со руската амбасада.
Лупин истакна дека на средбата имало позитивна атмосфера и оти немало критика од руска страна кон Заев, бидејќи како што кажа, Русија ги почитува меѓународните норми и не се меша во внатрешните работи на други држави.
Во вчерашното владино соопштение се наведува дека „рускиот амбасадор ја поздрави енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред“.
„Исто така, амбасадорот Шчербак изрази почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот Заев и на Владата, коишто водат кон евроатлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот“, се наведува во вчерашното владино соопштение.