Руската амбасада денеска реагира дека вчерашното владино соопштение по средбата меѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Олег Шчербак „не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија“. Во реакцијата објавена на нивната Фејсбук страна, руската амбасада реагира дека „текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна“.
„Во исто време, руската страна ја потврдува својата посветеност на сестрано и конструктивно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија“, се наведува во денешната реакција.
Владата вчера соопшти дека „рускиот амбасадор ја поздрави енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред“.
„Исто така, амбасадорот Шчербак изрази почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот Заев и на Владата, коишто водат кон евроатлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот“, се наведува во вчерашното владино соопштение.