Горан Грујевски и Никола Бошкоски во текот на денот ќе бидат изведени пред Обвинителство во Солун, каде ќе им биде одредено во кој затвор ќе бидат притворени, се до комплетирање на предметот на екстрадиција, соопшти Министерството за правда.
За ова Министерството го информирала Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи на Република Македонија во Солун.
„Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи на Република Македонија во Солун, денеска официјално информираше дека вчера во 15 часот се уапсени Горан Грујевски и Никола Бошкоски поради кршење на член 8381 на грчкиот законик, односно при пасошка контрола биле евидентирани со фалсификат бугарски пасоши и притоа е утврдено дека за нив е распишана меѓународна потерница од Интеропл по барање на МВР на Република Македонија“, стои во соопштението од Министерството за правда.
Бошкоски и Грујевски се обвинети од СЈО во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Двајцата од 18 јули, кога Апелацискиот суд им определи мерка притвор, се недостапни за полицијата. Тие се обвинети за уништување на опремата за прислушување.