СДСМ: Не смее да има амнестија за настаните од 27 април

Со барањето амнестија за лицата кои на 27 април извршија или беа помагачи „на терористичкото загрозување на уставниот поредок и безбедност“, ВМРО-ДПМНЕ докажа дека токму тие ги нарачале и стојат зад насилствата, реагира денеска СДСМ.

„Колку и ВМРО-ДПМНЕ да се обидува да ги спаси своите извршители од одговорност за крвавиот четврток, не смее да има амнестија за оние кои учествуваа или помогнаа во обидот да се убијат пратеници“, се наведува во партиското соопштение.

Наспроти обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека во Македонија има селективна правда, СДСМ реагира дека Македонија станува правна држава и секој кој ги прекршил законите, ќе мора да одговара.