Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара итно и неодложно ослободување и амнестирање на „сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на 27 април 2017 година“.
Информираат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на законот за амнестија или ќе предложи посебен „закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април 2017“.
Велат дека иако имале блиски, а во некои делови и идентични ставови со граѓаните кои протестираа, тие биле прва партија која јавно ги осуди насилствата. Но, имајќи предвид дека се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, сметаме „дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија потсетува дека во изминатиот период од затворите беа ослободени криминалци осудени за тешки кривични дела, како Бајруш Сејдиу, Агим Красниќи или Велија Рамковски, а Сеад Хаџиќ е ослободен од притвор и е пуштен во куќен притвор. Обвинителството побара укинување на пресудата за Монструм, а во исто време власта најави носење закон за амнестија на затвореници. Затоа, опозициската партија обвинува дека по доаѓањето на СДСМ на власт, има само селективна правда и политички реваншизам.
„Сметаме дека овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.