На информативен разговор во полиција биле повикани две лица по пријава за инцидентот кој се случи во недела вечерта по изборите пред штабот на политичката партија ГРОМ. Од Министерството за внатрешни работи велат дека по пријавата за нарушување на јавен ред и мир во полициската станица во Карпош биле повикани двајца мажи и по информативниот разговор со нив и расчистувањето на настанот ќе следи соодветна пријава.
Претходно, кандидатот за градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски за нападот ја обвини СДСМ, посочувајќи дека му биле испратени криминалци од подземјето кои пробале со нож да нападнат активисти на ГРОМ.
Во дел од медиумите беше објавено и видео од нападот. Јакимовски со дел од поддржувачите одржаа и протест пред Обвинителството со барање за кривична одговорност за напаѓачот.