Одзивот на изборите според досега обработените податоци на Државната изборна комисија (ДИК) е над 883 илјади граѓани кои гласале, односно скоро 49 проценти од вкупно регистрирани над милион и 800 илјади гласачи.
Според моменталните податоци на ДИК пристигнати од 3.437 избирачки места од вкупно 3.480, кандидатите за градоначалници на СДСМ имаат водство во 50 општини, ВМРО-ДПМНЕ во девет, ДУИ во 12, додека во останатите општини најмногу гласови имаат кандидати на девет други партии.
Интерактивна мапа - резултати според ДИК:
Во Град Скопје води кандидатот на СДСМ Петре Шилегов со 50 отсто од гласовите, односно со освени над 133 илјади гласoви пред Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ со скоро 36 отсто, односно над 95 илјади гласови.
Меѓу другите општини, СДСМ во првиот круг победи во Битола, Велес, Гевгелија, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе и Струмица.
ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг оствари победи во Илинден со над 57 проценти од гласовите, во Петровец со над 62 отсто, Сопиште со над 50 проценти, а водство има и во Штип, Кавадарци, Пробиштип, Брвеница, Зрновци, Новаци и Чешиново Облешево.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во скопските општини СДСМ оствари победи во Карпош со освоени над 58 отсто гласови, во Аеродром со скоро 52 процента од гласовите пред ВМРО-ДПМНЕ со над 44 отсто, во Бутел со над 49 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со речиси 39 отсто, во Гази Баба со скоро 48 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со над 44 проценти, во Кисела Вода со над 49 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со над 45 проценти.
Во општина Центар од обработени речиси 89 отсто од гласовите води кандидатот на СДСМ со над 63 отсто од гласовите пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 28 проценти.
Кандидатите на ДУИ освоија мандат во Кичево со над 60 проценти освоени гласови и во Пласница со над 59 отсто, а водат во Тетово со над 33 отсто, во Гостивар со над 35 проценти, во Дебар со скоро 40 отсто, Липково со речиси 49 проценти.
Во општините во Скопје кандидатите на ДУИ водат во Сарај со над 48 отсто пред БЕСА со освоени речиси 28 проценти и во општина Чаир со 39 проценти освоени гласови.
Во Струга Зијадин Села од Алијанса за Албанците има водство со над 30 освоени гласови, а во Могила води Стево Пивковски кој е кандидат на група избирачи, а има освоено повеќе од 38 проценти од гласовите.
Кандидатот на група избирачи Ивица Тошевски е победник во Ранковце, во Центар Жупа победа има Демократската партија на Турците, додека во Чучер Сандево исто така победник е кандидатот на група избирачи Јован Пејковски.