Државната изборна комисија денеска околу пладне се очекува да ги соопшти првичните резултати од вчерашното гласање за локалните избори. Претседателот на ДИК Александар Чичаковски синоќа на прес-конференција најави дека денеска околу 11 или 12 часот ќе излезат со првични резултати. Инаку, ДИК треба во рок од 12 часа од затворањето на избирачките места да ги објави првичните резултати. Досега ДИК има обработено 96,64 проценти од гласовите и според податоците објавени на нивната веб страницата, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 50 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 9 општини, на ДУИ во 12, а кандидатите на девет други партии, коалиции и од група избирачи водат во останатите општини. Конечните резултати ќе бидат објавени кон средината на неделава.