Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вечерва упати порака до лидерот на партијата Никола Груевски да поднесе оставка и да овозможи демократски процес во партијата и одржување демократски конгрес на кој членовите слободно ќе го изберат својот нов лидер.
Александар Михајловски од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ упати и порака до СДСМ да се воздржи и вистински да ја практикува демократијата без реваншизам кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Времето на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Република Македонија заврши“, истакна Михајловски, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ претрпе значителен пораз на изборите.