БЕСА - Неуспешни обиди за нарушување на изборниот процес

Имаше обиди за нарушување на изборниот процес, за купување гласови, неправилности во неколку избирачки места и обид за правење инцидент од политичка партија која знае дека ќе изгуби на изборите, но реакцијата на органите на редот досега докажува дека нема да биде оштетен изборниот процес, истакна на денешната прес-конференција Фатон Фазлиу, портпарол на Централниот изборен штаб на Движење БЕСА.

Притоа посочи случај на затворањето на две гласачки места во Гостивар, заканувањето на неколку нивни набљудувачи и обид за купување гласови во општина Сарај, неправилности во неколку избирачки места во општина Бутел, како и на, како што потенцира, обид за правење инциденти во општина Чаир.

Имаме, рече Фазлиу, и точни информации за разни криминални обиди од група и банда на една партија, што е позната по овој начин на постапување, но, овој пат, потенцира, се судрија со отпорноста на народот кој позитивно им одговори со излегување на гласање.