Одѕивот на затворениците во казнено-поправните установи на гласањето за локалните избори што се одржа денеска, ден пред изборите, според првичните податоци на Државната изборна комисија е меѓу 68 и 70 проценти. До ДИК нема пријави за инциденти на избирачки места, изјави вечерва за МИА портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.
За информациите дека дел од затворениците во затворот во Издризово не успеале да го остварат своето гласачко право, Гугучевска рече дека ДИК дополнително ќе работи на утврдување на бројот на затвореници кои не гласале, како и на причините поради кои тие не биле запишани во Избирачкиот список.
„Секој од нив може да поднесе приговор за заштита на избирачкото право, по што лично ќе му се одоговори зошто тоа право му било нарушено“, вели Гугучевска и додава дека и на претходните избори имало затвореници кои не гласале, главно поради немање валидни лични документи.
Гласањето на болните, изнемоштените и раселените лица, како и на затворениците во казнено-поправните установи, што се одржува ден пред утрешните локални избори, засега се одвива добро и без проблеми, соопшти попладнево на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисја, Љупка Гугучевска.
На ден пред изборите се гласаше во 13 казнено-поправни установи каде право на глас имаат 1.882 избирачи. Во затворот во Издризово се запишани 955 избирачи.
Денеска гласаа и болните, изнемоштените и раселените лица и нивните гласови ќе бидат пренесени во општините од каде се заведени во Избирачкиот список.