Владата побара истраги за нови случаи на злоупотреби

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на прес-конференција изјави дека Владата од Министерството за внатрешни работи побарала истрага за неколку случаи со тендери, набавки и договори поради постоење индиции дека со нив е направена штетата на буџетот на државата.

Бошњаковски рече дека откако бил распишен тендер за јавни набавки за фирми кои ќе вршат резервации на авиобилети биле склучени рамковни спогодби со повеќе компании со цел да се избере најповолната.

Утврдено е дека одговорните лица во Службата за општи и заеднички работи по тендерот и рамковните договори доставувале барање за понуди само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани со рамковните договори.

"Сметаме дека со ова се направила штета на државниот буџет“, изјави Бошњаковски.

Тој рече дека истрага е побарана и за „сомнителни набавки во АД за стопанисување со станбен и деловен простор за договори склучени со фирмата „Атриум“.

„Влада достави и барање за мислење до државното правобранителство во врска со договорите за ангажирање на Александар Никовски, Џорџ Р.Пери како и Јехшуа Шуки Глајтаман кои биле надворешни соработници на Никола Груевски“, изјави портпаролот на Владата Бошњаковски.