Хачисон - Македонија може да биде следната земја членка на НАТО

Постојаната амбасадорка на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачисон

Македонија е следната земја што може да ги исполни критериумите за членство во НАТО и јас ја поддржувам, но проблемот е името „Македонија“ кое треба да биде прифатливо и за Грција, изјави постојаната амбасадорка на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачисон во интервју за „Вашингтон пост“.

Прашана дали како амбасадор ќе се заземе за Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО, Хачисон рече дека Алијансата има политика на „отворени врати“ за нови земји членки, но тие треба да исполнуваат одредени демократски и воени стандарди.

Посочи дека поради спорот со Грција нема едногласно гласање за членството на Македонија.

„Сметам дека сите ја гледаат Македонија и нејзиното исполнување на овие стандарди. Има уште малку до целосно исполнување, но верувам дека ако кажат дека се близу до договор за спорот со името, а ние сакаме да имаат име какво што тие сакаат или во некоја друга форма, но мора да има едногласен консензус. Сметам дека се многу близу. САД ги поддржуваат и ако можат да го исполнат последното парче на внатрешен план и работат кон слободни избори и силна влада, тогаш ќе бидат следната земја членка“, изјави Хачисон.