Поранешниот португалски премиер Сократеш обвинет за мито од 24 милиони евра

Поранешниот португалски премиер Жозе Сократеш

Поранешниот португалски премиер Жозе Сократеш е обвинет дека примил 24 милиони евра мито, соопшти денеска португалското обвинителство по големата истрага за корупција. Поранешниот лидер на Социјалистичката партија на Португалија се товари за пасивна корупција, перење пари, тешка фискална измама и фалсификување документи. Заедно со него се обвинети уште 18 луѓе и девет организации.

Според истрагата, Сократеш, кој беше премиер од 2005 до 2011 година, ги вршел кривичните дела од 2006 до 2015 година.

Според обвинението, 60-годишниот Сократеш и неговите соучесници во Швајцарија собрале сума проценета на „над 24 милиони евра“ во замена за услуги на бројни организации.

Тој беше уапсен во ноември 2014 и по девет месеци во притвор беше ставен во куќен притвор, а кон крајот на 2015 му беше дозволено да се брани од слобода. Тој постојано тврди дека не е виновен.

Обвинението е напишано на над 4.000 страници.