Заврши увидот во Кривичниот суд, ќе се утврдува дали имало злоупотреба

Илустрација-Основен суд Скопје 1

Комисијата составена од Министерството за правда денеска ја заврши ревизијата на Автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети (АКМИС) во скопскиот Кривичниот суд.

Судијата Лазар Нанев, кој е назначен за претседател на Комисијата, која беше формирана по препораките на европскиот експерт Рајнхард Прибе, најави дека во наредните денови ќе се прави анализа за да се утврди дали изминативе две години имало злоупотреба на АКМИС системот.

Според Нанев, за еден ден не може да се утврди дали има злоупотреба. Законска обврска е секој суд во Македонија да има внатрешни процедури и на месечно ниво да го проверуваат работењето на системот.

Увидот во АКМИС-системот во скопскиот Кривичен суд почна минатиот четврток. Предвидено е Комисијата да прави ревизија на електронските системи во сите судови. Информатичкиот систем АКМИС служи за распределба на предметите кај судиите, а Комисијата треба да испита дали има злоупотреби при распределбата на предметите.