Рахој: Шпанија нема да биде поделена

Шпанскиот премиер Маријано Рахој

Шпанскиот премиер Маријано Рахој, во денешното интервју за германскиот весник „Ди Велт“ изјави дека Шпанија нема да биде поделена, една недела откако Каталонија одржа референдум на кој каталонски власти велат дека гласачите со големо мнозинство ја поддржуваат независноста. На прашањето дали постои ризик дека Шпанија ќе биде поделена, Рахој рече: „Апсолутно не. Шпанија нема да биде поделена и националното единство ќе биде зачувано. Ќе сториме сé што законодавството овозможува за да се обезбеди тоа“. Каталонија, која има свој јазик и култура и е предводена од регионална влада одржа референдум на 1 октомври за отцепување, спротивно на одлуката на шпанскиот Уставен суд кој гласањето го прогласи за незаконско.