Првиот дел од кампањата за локалните избори помина релаксирано, но забележани се неколку изолирани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите, соопшти граѓанската организација МОСТ во нејзиниот извештај за периодот од 25 септември до 4 октомври.
Исто така организацијата забележува притисок за присуство на партиски настан во една општина и организирање на партиски настани во текот на работното време во две општини од страна на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и еден случај на уценување за гласање за независен кандидат.
„Сведоци бевме и на демолирање на 10 изборни штабови на четирите најголеми политички партии во 8 општини и уништување на пропаганден материјал во 6 општини“, велат од МОСТ.
Организацијата меѓудругото во извештајот го наведува и инцидентот во кој градоначалник и кандидат на изборите беше повреден во физичка пресметка помеѓу две групи.
„За поздравување е брзата реакција на МВР во разрешувањето на овој случај. Покрај ова, во периодот што измина се случи и престрелка во која беше повреден носител на независна кандидатска листа, кој подоцна им подлегна на повредите. Според изјавата на министерот за внатрешни работи, престрелката не била поврзана со изборите“, велат од МОСТ.
Организациајата го осудува насилство од било каков вид и апелира учесниците во изборите да се воздржат од злоупотреба на вакви и слични настани за изборни цели. Воедно, апелираме до надлежните институции темелно да ги истражат овие настани.