„Мечка“ премиерно ќе заигра во Театар Комедија

По само две недели од поставката на „Дони Дарк“, во Театар Комедија со нова премиера. Оваа сабота, на 7 октомври, во 20 часот, на сцената ќе заживее „Мечка“, водвилјот на рускиот класик Антон Павлович Чехов, што како режисер го потпишува Димче Николовски Димса. Играат актерите Жарко Димоски, Жаклина Петреска и Илија Илиоски, кои велат дека „само љубовта знае и може да ги изедначи реалностите“.

Секој човек живее во својата реалност. Во очите на Смирнов ѕидовите се крвави, Лука го бара светлото сино небо низ прозорците, а за Попова истите тие ѕидови се романтично валкани. Само љубовта само љубовта знае и може да ги изедначи реалностите. Замислете колку реалности има околу едно чудо. И, големо чудо е кога жена ќе се избори за нешто во машкиот свет. Племенито е да си мажот што помогнал во тоа, а кул е да си реализатор на истото.

Ова ќе го запише во пресрет на премиерната изведба на едночинката „Мечка“ од Чехов во Театар Комедија режисерот Димче Николовски Димса. За својата прва поставка на оваа сцена тој знае да каже дека „тоа е убедливо најубавата претстава во неговиот творечки живот“. Дека се работи за комедија која говори „за почетокот на една љубов“ и е направена исклучиво низ гледната точка на секој еден од учесниците во проектот. Притоа истакнува дека се потрудиле максимално да се почувствуваат разликите во реалностите коишто ги доживуваме. Дополнува дека станува збор за градење на карактери кои безмалку не оставаат простор да се случи интеракција меѓу нив и дека тие сето тоа го доловиле низ призмата на разликите што ги имаат луѓето денес, „за се* освен за љубовта“.

„Заради чистината на љубовта којашто може да се види само од тоа дека никој нема дадено дефиниција за тоа што е таа всушност и сите ние си ја доживуваме некако си различно, точно од таму јас тргнав со идеја да се обидам да ја прикажам како таа изгледа денес. Претставата е вонвременска. Ги нема проблемите на денешницата ниту проблемите на времето во коешто е пишувана или за коешто е пишувана. Но точно, заради нејзината класичност, сите тие работи важат и денес што би значело дека ниту љубовта ја имаме разбрано подобро, ниту ние сме станале подобри од тоа време. А во тоа време има многу пострашни работи за кои денес, според мене, лажно мислиме дека сме ги надминале“, вели режисерот Николовски.

Тој смета дека сепак гледната точка е најбитна и дека љубовта не може да функционира сама. А ако се двајца, како што вели, „тогаш имаме две гледни точки и се* веднаш станува доволно комплицирано“.

Жарко Димоски, кој го толкува ликот на Смирнов, смета дека направиле претстава во која „се* е работа на перцепцијата“ и која ќе треба да се погледне и по вторпат за да се видат и затскриените нешта, а неговата колешка Жаклина Петровска, која ја игра Попова, знае да каже дека во процесот на подготовка на „Мечка“ таа лично се доразвила како актерка и дека, според неа, посебно се бележити костимите за кои се погрижила младата модна креаторка Марта Дојчиновска.

А, Илија Илиоски, Лука во „Мечка“, пак, ќе рече дека зад нив е еден процес во кој убаво се забавувале и дека во претставата можат да се видат „секакви гледишта за секоја ситуација“.

„Во љубовта за љубовта се гази преку лешеви, па макар и преку својот. И тоа се случува тука. Секој љубовта си ја најдува во различно нешто. Некој во жена, некој во идеја за нешто, некој во идеја за тоа каде сака да биде“.

Кон ова само уште информацијата дека сценографијата за „Мечка“ на Театар Комедија е на Сергеј Светозарев и Милан Несторов, музиката на Димитар Андоновски, а дизајнот на светло на Александар Атанасовски.

И, кога сме веќе кај новата сезона да спомнеме и тоа дека до крајот на календарската година се планирани уште две премиери кои ја крепат идејата за репертоарска шареноликост на Театар Комедија.