Дневен печат - ЕУ бара отчет за реформите

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи

Отчетот што ЕУ го бара од Македонија за реформите и регионалните средби на македонските претставници се главни теми во дневниот печат.

„ЕУ: А сега да видиме што сте сработиле!“ Со ваков наслов Вечер информира дека Европската комисија бара отчет од министрите за тоа што сработиле за да можат информациите да бидат искористени за новиот, есенски извештај за напредокот на Македонија што се подготвува во Брисел. И Нова Македонија ја објавува истата информација, при што потсетува дека во минатото ваквите прашалници биле редовни, но дека последниот сме го добиле во сега далечната 2005 година.

Вечер објавува дека „Заев, Борисов и Рама до крајот на годинава ќе имаат средба со претставници на Светска банка – заедно ќе бараат пари за Коридорот 8“, односно ќе се бара модел за финансирање на патната и железничката врска што треба да ги поврзе трите држави.

„Димитров на средба во Солун со колегите од Грција, Бугарија и Албанија“, информира истиот весник и дополнува дека на оваа квадрилатерална средба ќе се разговара за безбедносната и прекуграничната соработка и за енергетското поврзување и дека е втора средба од ваков формат во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и меѓуграничната соработка.

Во време на предизборна кампања за локалните избори – Порталот Курир насловува: „Економијата продолжува да тоне – нов пад на извозот во август за 8,2%“. СДСМ во соопштение реагира дека ВМРО-ДПМНЕ објавува лажни вести и дека „Потврда за успехот на економските мерки е зголемувањето на бројот на работници во индустријата, што во август годинава во споредба со истиот месец лани е зголем на 3,1%“. Слободен печат има вест дека „Американскиот нафтен бренд ’Галф оил‘ ја отвори првата бензинска станица во земјава која е втора на Балканот, а производите на компанијата - нафта, нафтени деривати и автомобилски масла ќе се дистрибуираат преку домашната компанија ’Супертрејд‘“.

Порталот Фокус информира дека „Судијката Лидија Петровска, позната како ’сваровски‘ судијка ќе го суди случајот „Триста“ на СЈО, за набавката триста полициски автомобили во времето на Јанкуловска“. Порталот додава дека Петровска го добила случајот преку автоматизираниот компјутерски систем за кој во извештајот на Прибе беа нотирани сомнежи за местење судски предмети.

Слободен печат со загатлив наслов: „Јуришниците на ВМРО-ДПМНЕ во страв дека на лидерот му е ветен појас за спасување – Груевски намерно ги губи изборите?!“ Појдовна точка за насловот е колумната на довчерашниот голем поддржувач на сега опозиционата партија, Стефан Влахов Мицов дека Груевски со години бил користен како заложник за уништување на македонската држава од страна на САД и ЕУ, а дека со губењето на изборите целосно ќе бил исполнет прифатениот ангажман кон нив и дека по изборите ќе биде повлечен од кормилото на партијата.