Дваесет и четири лица се приведени во денешната акција на МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради сомнение дека направиле злоупотреба на службена положба при склучување договори за закуп на земјоделско земјиште и исплата на субвенции, оштетувајќи го буџетот 220 илјади евра.
Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 поднесе предлог за определување мерка притвор против седум осомничени лица.
Како што објави јавното обвинителство, меѓу осомничените се 15 службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на ова министерство, а останатите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни субјекти во приватна сопственост.
Според обвинителство, во периодот од 2011 година до 2016 година осомничените службени лица ја искористиле својата службена положба при склучување и раскинување на договори за закуп на земјоделско земјиште. При преземањето на незаконитите дејствија биле помогнати од останатите осомничени лица. Во исто време, одобрувале исплата на субвенции со што прибавиле корист за повеќе правни и физички лица на штета на буџетот.