Реформи во трудот - се може ли без работници?

Tехнолошките иновации во развиените индустриски земји во Европа претставуваат опасност за работните места. Во Македонија технологијата доцни и засега не се загрозени одредени работни места, велат експерти. Но и покрај тоа, тие истакнуваат дека компаниите ќе мораат да се приспособат кон ваквите трендови за да бидат конкурентни на пазарот.

Додека предложените нови правила за работа во Франција експертската јавност ги нарекува „реформа на трудот за новата ера“, за работниците тие претставуваат „социјален државен удар“. Експертите предупредуваат дека доста од сегашните работни места најверојатно ќе исчезнат поради технолошките иновации, но истовремено работниците велат дека нивните работнички права ќе бидат загрозени.

Во Македонија засега нема технологија како во земјите во Западна Европа, велат експерти, но и покрај тоа, тие посочуваат дека сепак постои тренд во земјава со кои одредени работни места се укинати со новите технологии. Тие истакнуваат дека македонските компании мораат да се приспособат на ваквите промени.

„За разлика од развиените индустриски технологии во Западна Европа, Македонија се уште е далеку од таква технологија, меѓутоа не треба да заборавиме дека кај нас има тренд на одредени работни места коишто се укинаа со воведување на нови технологии. Имаме и кај нас компании кои воведоа одредени технологии, како роботика, особено во банкарството со банкоматите. Сè е тоа замена за работници и тие со право стравуваат за своите работни места“, вели Марјан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Реформа на трудот во Европа и во Македонија

Новата техологија го заменува работникот

Македонија веќе се отвора кон странските пазари, се прават слободни индустриски зони, вели Ристевски, и со влезот на нови мултинационални компании во земјава ќе дојде и новата технологија.

„Таа технологија, сакале или не, го заменува работното место, сепак нема технологија што може да го замени работникот. Трудот што го прави работникот е незаменлив“, вели Ристевски.

Дека во Македонија нема нова технологија во производството и услугите, посочува и претседателот на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија, Миле Бошков. Тој објаснува дека технолошкиот развој засега не ги загрозува работните места во земјава, наведувајќи оти ситуацијата ќе биде таква во следните пет до десет години, а подготовките кон ваквите промени според него ќе бидат комплексни и ќе зависат од повеќе фактори.

„Тоа е сплет на повеќе економски и бизнис активности. Дали ќе одиме во слободните економски зони со привлекување со странски директни инвестиции кои ќе бидат директно со нови технологии и практики или тие ќе донесат повторно застарени технологии поради работната сила, дали нашиот начин на пристап до финансии ќе овозможи поттикнување на компании кои ќе имаат иновативен и модерен технолошки пристап за производи и услуги и дали воопшто потребата на македонскиот пазар е основна водилка на македонскиот бизнис или пак македонските компании ќе освојуваат нови пазари со тоа што ќе треба да значи ќе мораме да инвестираме во нови напредни технологии според потребите на потрошувачите за кои ќе бидат наменети тие производи надвор од земјата“, вели Бошков.

Работниците будно да ги следат промените

Ристевски во однос на подготовките смета дека работниците треба да будни и да ги следат трендовите на работодавците, бидејќи како што вели, тие размислуваат во компаниите да вклучат што помалку работници за да направат поголеми профити.

„Нас ни останува да се здружиме, да ги збиеме редовите и да не дозволиме трудот на работникот да биде потценет“, вели Ристевски.

Економскиот аналитичар Арбен Халили објаснува дека несомнено технологијата влегува во бизнис-активностите на секоја компанија, а современите компании ќе мораат на тоа да се приспособат кон промените за да бидат конкурентни на пазарот.

„Ни се уште сме далеку од тоа ниво како земјите во Западна Европа. Таа технологија не е нешто што може да се запре и апсолутно ќе влијае врз секое поле од животот, но не очекувам во Македонија да се применува истото и да биде на ниво како што е во Франција, не порано од 15 до 20 години“, вели Халили.

Тој додава дека Македонија има неколку, но не доволно, компании присутни на европскиот пазар каде се бара производството да биде со нова технологија.

Реформа на трудот за новата ера

Во Франција се предложени новите правила за работа, но таканаречената реформа на трудот што ја предложи шефот на државата Емануел Макрон предизвика бран протести. Според експертите реформите се само дел од целиот комплекс промени кој би можело да води до нови можности, но и до поголема криза.

Гоце Атанасов

Оваа реформа беше претставена како приоритет за време на изборната кампања на Макрон. Новите правила ќе ја ограничат исплатата за отпуштање од работа, истовремено давајќи им на компаниите поголема слобода да вработуваат и да отпуштаат луѓе.

Француската министерка за труд Муриел Пенико вели:

„Ова е клучен момент, бидејќи, надвор од правната трансформација, тоа е начинот на размислување за работните односи, за трудот, пазарот на труд, што е неопходно и можно да се промени“.

Но, илјадниците работници кои излегоа на улиците се надеваат дека се доволни силни за да го присилат претседателот да ги преиспита новите правила.

Жан Лук Меленшон од крајната левица правилата ги оцени како „социјален државен удар“.

„За декретите да станат закон тие треба да се вратат во парламентот. Битката не е завршена, ова е само почеток“.

Тој исто така му упати порака на Макрон:

„Сега ни е кажано дека демократијата не се случува на улица. Господин претседател ќе треба да погледнете во француската историја да научите дека улицата го собори кралот, улицата ги победи нацистите“.

И покрај демонстрациите француската влада ги усвои со забелешка дека тие се неопходни за поголема конкурентност со цел да се намали големата стапка на невработеност која во моментов изнесува 9,5 насто.

Но, синдикатите страхуваат дека промените ќе ја ослаби заштитата на работничките права како и нивната улога во политичкиот процес.

Пјер Матио, професор од Институтот за политички науки во Лил вели:

„Сегашните работни места најверојатно ќе исчезнат поради технолошките иновации. Значи клучното не е губењето работа, туку дали невработеноста може да добие помош или некако да биде поддржана. Значи, дури и ако претпријатијата лесно можат да ги отпуштат работниците мислам дека додека тие можат да добијат лекови, новата реформа ќе може да функционира“, вели Матио.

Промените во трудовото законодавство се први во бројни реформи што ги вети Макрон со цел да ја заживее економијата и да ја намали невработеноста. Исто така, постојат планови за измени на бенефициите за невработените и на пензискиот систем, промени кои веројатно ќе предизвикаат многу повеќе немири.

Кратење на работничките права во Македонија

Додека синдикатите во Европа предупредуваат дека новите промени ќе ја ослабнат заштитата на работничките права, во Македонија законот за работни односи беше менуван повеќе пати, а лидери на синдикати посочуваа на кратење на работничките права.

Претседателот на Синдикатот за индустрија, Пеце Ристески, вели дека статусот на работниците во Македонија најблаго кажано е лош, а за тоа влијание имаат повеќе фактори, како повеќекратното менување на законот на штета на работниците.

„Ако земеме дека кај нас теоретски постои закон, и за плата и за минимална плата, тоа во пракса го нема, а да не зборуваме за ниските и нередовни плати. Тоа е непоимливо за западниот свет. Договорите што се на одредено време на пет години што никаде ги нема во ваква форма, ја прави несигурна и таа каква таква плата што ја земаат“, вели Ристески.

Тој додава дека положбата на работниците во Македонија е на ниско ниво.

Марјан Ристевски вели дека законот за работни односи во Македонија е менуван повеќе од 15 пати и преку 90 отсто од него е на штета на работниците.

„Ние мора да се мобилизираме. Работниците што се во јавните претпријатија и во администрацијата може да се каже дека до одреден степен се синдикално организирани и можат да остварат одредени права. Меѓутоа, работата со работниците во приватниот сектор е катастрофална, работниците се оставени на милост и немилост на работодавачите. Кај нас може работникот може да потпише договор за вработување на еден месец, тоа го нема никаде во светот. Кај нас е многу лоша состојбата“, вели Ристевски.

Но Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи смета дека работниците во Македонија имаат сигурен статус заснован на планираните потреби, производство и услуги.

„Во светот тоа постојано се менува, потребите се менуваат, луѓето се навикнати на промени, ние на некој начин традиционално сме стабилни кон потребите. Оттука излегуваат и потребите дури и за менување на трудовата легислатива. Рековте дека работничките права се намалени, меѓутоа и она што се менува, иако споро, мислиме дека работодавачите имаат потреба да ги менуваат навиките и во својот бизнис, меѓутоа многу е важно што основата е загарантирана“, вели Бошков.

Образованието не ги следи потребите на пазарот на трудот

Во однос на тоа колку образованието ги следи потребите на пазарот на труд, Бошков вели бизнис-конфедерацијата во Македонија е со став дека образованието и потребите пазарот на труд се движат во различна насока. Тој смета дека е потребна поголем,а флексибилност во образовните институции со тоа што дел од практичната настава на учениците и студентите ќе се одвива во компаниите.

„Сметаме дека неопходна е промена на дел од трудовата и образовната легислатива кадешто на некој начин практичната настава и дел од процесот на таканаречено дуално образование ќе се одвива и во компаниите или на местата каде што сакаат да се образуваат или тоа да биде нивна професионална определба. Меѓутоа за тоа треба голема свест и голема определба на тие што ќе ги образуваат на некој начин студентите или учениците и треба да имаат капацитет за нивна менторска улога за поттикнување на дуалното образование“, вели Бошков.

Халили посочува дека Македонија треба да биде подготвена на новите предизвици кои доаѓаат со новата технологија. Тој чекор, како што вели, ќе наметне други реформи во системот на образование.

„Ние за жал не правиме конкретни анализи за тоа каква е потребата од квалитетна работна сила и за тоа каква е потребата на пазарот на трудот, што на компаниите им е потребно сега, а што во следните пет до десет години. Тоа треба да се таргетира и да се изведе како реформа и да се избегне поголем шок или неочекуван удар од влезот на новата технологија во производствениот процес, бидејќи токму компаниите кои произведуваат апсорбираат поголема работна сила“, вели Халили.

Тој во оваа насока додава дека е клучно да биде направена реформа во образованието.