Празни изборни ветувања за вечните проекти

Празен трамвај, илустрација

Неколку проекти, како гасификацијата на Скопје или пак водоводната мрежа во Куманово со години им се ветуваат на гласачите. Според политиколозите, граѓаните не гласаат за проекти, туку против некого, а побитно за нив е партијата што ја предлага личноста, од проектите што таа ги нуди.

Аеродром во Штип, непречено водоснабдување во Куманово, гасификација на Скопје, се само дел од проектите и ветувањата кои со години и на разни локални избори им се даваат на граѓаните. Некои од ветувањата смениле и три градоначалници од различни партии, но не се реализирани, па повторно им се нудат на гласачите и на актуелните локални избори.

Според политикологот од Факултетот за општествени науки, Митко Гаџовски, гласачите кај нас сè уште гласаат против, а не за проекти, па меѓу другото и затоа политичарите си дозволуваат да зборуваат за исти проекти со години.

„За граѓаните мислам дека не се најбитни нудењата на такви крупни проекти, туку тие повеќе се одлучуваат за личноста и партијата што зад неа, отколку тоа што го нудат како проекти. Тие немаат толку многу доверба во тоа што го нудат политичарите и поради претходно искуство-многу проекти, а малку остварени на дело“, вели Гаџовски.

За гасификацијата се зборува 12 години

Гасификацијата на Скопје беше најавена уште во 2005 година кога тогашниот градоначалник Ристо Пенов го најавуваше како проект кој градот би можело да го реализира откако, тогаш локалната самоуправа, доби поголеми ингеренции со децентрализацијата.

Интервју на поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов во пресрет на изборите во 2005 година

​И тогашниот негов против кандидат Трифун Костовски, кој победи на изборите, исто така, ветуваше гасификација, па во 2007 година распиша и меѓународен тендер за гасификација на Скопје и процени дека таа би чинела од 35 до 45 милиони евра. И во 2009 година кога првиот мандат го доби Коце Трајановски, кој сега бара трет, беше ветено дека ќе работи на гасификацијата, наведувајќи ја како рок 2011 година за изработка на студија, идејни проекти и главни проекти за гасоводна мрежа до домаќинствата. Во 2013 повторно го испорача проектот гасификација на Скопје со рок континуирано, но кратко по изборната победа се откажа од проектот наведувајќи дека ингеренциите се преземени од страна на владата. Лани во декември, по парламентарните избори, а во екот на загаденоста Трајановски ја повика новата влада итно да објави тендер за гасификација на Скопје. Оваа тема е актуелна и на овие избори.

„За здрава животна околина, за пониски трошоци и за економски развој на Градот ќе обезбедиме гас до секој јавен и приватен објект во Скопје”, ветува сега кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов.

Аеродром во Штип актуелен од 2007 година

Ветувањата за изградна на аеродром во Штип почнаа пред десет години кога тогашната влада соопшти дека има таква идеја. Три години подоцна ТАВ кој раководи со скопскиот аеродром најави дека ќе има требаат десет години за да испитаат дали местото е погодно за таква инвестиција. На овие избори кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев, ветува дека ќе изгради аеродром во градот во 2020 година.

Водоснабдување во Куманово - тема на секои избори

Најголемата општина во Македонија, која секогаш била под градоначалничко водство на СДСМ, има сериозен проблем со водоснабдувањето. Досегашниот градоначалник Зоран Дамјановски, кој на позицијата беше од 2005 година ветуваше надминување на проблемот, па во програмата за изборите во 2013 година ветува изградба на капитална инвестиција - цевковод Куманово – Липково.

„Овој проект предвидува нов начин на зафаќање на водите околу езерото Глажња и изградба на нов доводен цевковод во должина од 18,4 километри со дијаметар Ф 609,9 мм, што ќе обезбедува сигурен дотур на вода до филтер станицата во Куманово од дополнителни 500 л/сек. Со тоа, во подолг временски период ќе бидат задоволени потребите на граѓаните”, ветува Дамјановски пред четири години.

Кандидатот за градоначалник од СДСМ Зоран Дамјановски во 2013 ветувал решавање на проблемот

​Но, сосема идентично ветување, четири години подоцна има и сегашниот кандидат на СДСМ за Куманово, сопартиец на Дамјановски, Максим Димитриевски.

„Овој проект предвидува нов начин на зафаќање на водите околу езерото Глажња и изградба на нов доводен цевковод во должина од 18,4 километри со дијаметар Ф 609,9 ММ, што ќе обезбедува сигурен доток на вода до филтер станица во Куманово од дополнителни 500 л/сек. со што во подолг временски период ќе бидат задоволени потребите на граѓаните на општина Куманово”, пишува и Димитриевски сега.

Кандидатот за градоначалник од СДСМ Максим Димитриевски со идентични ветувања

А трамвајот?

​Сепак се чини рекордер по времето од кога се ветува е проектот трамвај во Скопје. За него граѓаните гласаа и на референдум уште додека беа во бивша Југославија, кон крајот на осумдесетите години. Проектот потоа го актуализираше градоначалникот Костовски, кој беше на чело на градот од 2005 до 2009 година, а најавуваше дека првиот трамвај ќе тргне по скопските улици во мај 2009 година. Потоа и градоначалникот Трајановски во 2012 година најави дека идната година ќе почне изградбата на трамвајска линија. Иако досега не се појави во партиска програма, трамвајот во Скопје повторно во медиумите го споменуваат некои од кандидатите и на овие избори како едно од решенијата за градскиот превоз.