Актуелниот градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, е повреден во тепачка меѓу две групи во општината на чие чело е тој. Бајрам по тепачката бил однесен во болницата „8 Септември“ и има повреда на главата.
Според директорот на болницата, Христијан Костов, Бајрам е надвор од животна опасност. Бајрам, како што наведе, бил удрен со тап предмет по главата, имал рана од осум сантиметри што му била сошиена со шест конци.
Од МВР претходно соопштија дека во Шуто Оризари попладнево настанала тепачка меѓу две групи. Од полицијата го потврдуваат инцидентот и најавуваат повеќе информации по завршување на увидот на местото на настанот. Елвис Бајрам актуелен градоначалник и кандидат за градоначалник и на овие избори од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Неговиот татко, пратеникот Амди Бајрам вели дека Елвис Бајрам бил нападнат од приврзаници на СДСМ.
СДСМ вечерва преку соопштение го осуди денешниот инцидент. Партијата истакнува дека насилството е неприфатливо и апелира институциите да го расчистат случајот.
СДСМ ги повикува сите граѓани и политички субјекти да не подлегнуваат на провокации и да останат посветени на спроведувањето фер, слободни и демократски избори.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осудија инцидент и физичкиот напад врз кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Еливс Бајрам.
„Ова преставува уште едно грубо и брутално нарушување на изборниот процес. Имаме серија на груби прекршувања на изборниот закон и инциденти на кој полицијата и институциите на владата молчат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.