Независниот кандидат за советник во Кичево, Алит Абази и уште две лица се повредени во престрелка попладнево во Кичево. Во нив пукал 58-годишен кичевец, кој ги пресретнал своите сограѓани на булеварот Ослободување во центарот на Кичево. Станува збор за Абдула А., кој ги пресретнал и пукал врз независниот кандидат за советник, Алит Абази, Дестан Абдиу(58) и и Ш.Д. (55) од Кичево.
Според информациите, Абдиу има повреди на бутот на десната нога, Абази е погоден во слабината, а Ш.Д. во десната потколеница. Двајца од нив, поради сериозноста на повредите, со возила на брзата помош се упатени кон скопските клиники, а третиот е пренесен во кичевската болница. Според последните информации, нивната здравствена состојба е стабилна.
Полицијата веднаш по инцидентот го привела напаѓачот А.А. Според првичните сознанија, мотив за нападот се меѓусебни нерасчистени недоразбирања за кои се водела и судска постапка.