Вратите на НАТО остануваат отворени и НАТО ќе продолжи да ја поддржува вашата нација на патот кон членство во Алијансата, рече заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска во Брисел. Како што информираат од владината прес служба, на средбата станало збор за стабилноста и безбедноста наЗападниот Балкан, за политичката ситуација во Македонија и за прогресот во реформските процеси на новата Влада.Заменик генералниот секретар на НАТО Роуз Готемелер изразил благодарност за учеството на македонските одбранбени сили во Авганистан.
„Реформите кои го зајакнуваат доброто владеење,владеењето на правото, и добрососедските односи во вашето мултиетничко општество се од корист за сите ваши граѓани. Прогресот во спроведувањето на реформите бара време и напор,но знаеме дека реформите ќе бидат од голема корист за вашата земја додека се приближувате кон вашите евроатлантски цели и аспирации “, изјави Готемелер на прес конференцијата по средбата.
Веднаш по изјавите за медиуми, министрите за одбрана Шекеринска и за надворешни работи, Димитров, го започнаа состанокот со Северно-атлантскиот совет на Алијансата на кој и формално ќе се заокружи 17-тиот Акциски план за членство на Македонија во Алијансата.