Сите медиуми, што одлучиле да ја покриваат изборната кампања за претстојните локални избори, која почна на 25 септември, треба да обезбедат правично, избалансирано и непристрасно медиумско претставување, изјави денеска раководителката на Одделението за човекови права и медиумска писменост, во Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, Емилија Петреска Камењарова.
Според неа, медиумите треба да обезбедат еднаков пристап до сите облици на медиумско претставување, а програмите за малолетници не смеат да се користат како извор за медиумско претставување. Камењарова истакна дека медиумот, кој е јавен сервис треба да ги почитува правилата, што самиот ги донел пет дена пред распишување на изборите. Од Агенцијата информираа дека сите телевизии на државно ниво ќе бидат мониторирани целосно со акцент на две изданија на дневните информативни емисии меѓу 17 и 24 часот.
Уредници, новинари, водители и презентери, кои се вклучени во реализација на програмата ќе бидат мониторирани дали се вклучуваат во предизборните активности на учесниците во кампањата. Агенцијата го следи и почитувањето на правилата за објавување резултати од анкетите, но ќе ги следи и програмите во однос на тоа дали некој од медиумите употребува говор на омраза.