Владата на Харадинај засега без став за границата со Црна Гора

Новоименуваниот косовски премиер Рамуш Харадинај изјави дека неговата Влада се уште работи на прашањето за утврдување на границата со Црна Гора и дополнително ќе се изјасни по тоа прашање кога состојбата ќе стане појасна. Пред изборите во Косово, Харадинај беше гласен противник на договорот, велејќи дека претходната Влада на Црна Гора и отстапила територија која му припаѓа на Косово. Тој додаде дека се уште не ја утврдил позицијата на неговата Влада во врска со ова прашање. Договорот меѓу Косово и Црна Гора беше потпишан во 2015 година, но неговото ратификување беше блокирано во Косово, пред се поради притисоците на партијата ААК на Харадинај.

Европската Унија и САД бараат Косово да го забрза процесот на определување на границата со Црна Гора, а тоа е и главен услов за Косовците да добијат можност за безвизно патување во Унијата. Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли за време на својата посета на Црна Гора побара „трпение и разбирање“ за надминување на ова прашање, но Подгорица е одлучна дека не постои можност за менување на договорот.