Големиот број автомобили, недостигот од паркинзи, намалените зелени површини, нечистотијата и бучавата, се само дел од проблемите во Велес, кои треба да ги реши идната локална власт, велат жителите на градот.
Тие се жалат дека проблеми во Велес има многу, но според нив идниот градоначалник прво треба да работи во интерес на сите граѓани, а потоа да го разубави центарот на градот, каде освен кафулиња ќе има повеќе хотели и ресторани.
„Кај нас основен проблем е бучавата, премногу бучава има за време на викендите. Неколку пати ургиравме, но пак продолжуваат, голема гужва е.“
„Нечистотијата, паркинзи нема, заленило што имало низ Велес повеќе се сече отколку што се сади, за секој граѓанин шалтерските работи се на ниско ниво, и да одиш таму не можеш да свршиш никаква работа.“
„Проблеми има многу. Претходната власт ветуваше дека ќе се направи пазарот, улициве се катастрофа, нема обележано пешачки премини. Значи улиците, канализацијата, ненавремно исфрлување на сметот.“
„Решавање на градскиот пазар, што веќе е започнато, дел од инфраструктурата кога е во прашање паркинг просторот и се разбира изнаоѓање на соодветно решение за прифаќање на атмосферската вода, тоа што отсекогаш му е рак рана на Весес и најмногу од се регулирање на сообраќајот“, велат жители на Велес.
Во Велес живеат околу 50 илјади жители, според достапните податоци. Градот е познат по загадувањето од Топилницата која е дефинирана како еколошка жешка точка.
Топилницата во моментов не работи, но научните докази од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје покажуваат дека почвите во парковите, дворовите, градинките и школите во Велес се екстремно загадени со тешки метали.
Еколошките граѓански организации бараат ремедијација на Топилницата, но и граѓаните наведуваат дека решавањето на проблемот со загадувањето треба да биде приоритет.
„Загадувањето овде е незамисливо, како и паркирањето и на автомобилите и непочитувањето на правилата. Прашањето со нечистотијата е на нула.“
„Луѓево немаат канализации, вода немаат уште, треба да се сменат азбестните цевки“, велат велешани.
Актуелен градноначалник на Општина Велес е Славчо Чадиев од ВМРО-ДПМНЕ кој е кандидат и на овие локални избори. Противкандидат на Чадиев му е Аце Коцевски од коалицијата предводена од СДСМ. Граѓаните велат дека ќе гласаат за личност, но имаше и такви кои рекоа дека за нив е клучно од која партија доаѓа кандидатот.
„Треба да се гледа личноста, да се престане да се оди партиски, треба да се види дали личноста ја бива или не ја бива.“
„Мене партиите не ме интересираат, важно е човекот да биде за граѓаните, да не го двојат народот.“
„За мене е важна партијата, само партијата, а може и да не се појавам на гласање, бидејќи и двете партии ми се сомнителни.“
„Конечно треба да започнеме да ги гледаме вистинските вредности, да ги цениме сите оние стандарди и вредности на личностите како индивидуи.“
„Јас секако на избориве не мислам да гласам, така што ќе видиме“, велат граѓани.
Во истражувањето „Општини под лупа“ на порталот „Призма“ се вели дека актуелната локална власт речиси целосно ги исполнила предизборните ветувања во однос на приоритетите, освен клучното ветување за изградба на затворен пазар и трговски центар.