Монтираните кривични пријави на СДСМ против нашите градоначалници нема да ги спасат од изборниот пораз кој ќе им го испорачаат граѓаните, реагираат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ откако МВР денеска соопшти дека поднеле кривична пријава против градоначалникот на општина Ново Село Блажо Велков за злоупотреба на службена положба и овластување.
„Кривичната пријава против градоначалникот на Ново Село е уште еден притисок на СДСМ и излезно сценарио од скандалот во кој полицијата на Спасоски малтретираше активисти на ВМРО-ДПМНЕ“ реагираат од опозициската партија.
МВР претходно соопшти дека Секторот за внатрешни работи-Струмица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Б.В (53) од Ново Село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законикна Република Македонија. Пријавениот, во својство на градоначалник на општина Ново Село, дозволил на вработени од општината да управуваат службено возило без патен налог и во него да превезуваат изборен пропаганден материјал, наведоа од полицијата.