Диви депонии во Тетово на секој чекор

Просторот пред православните гробишта во Тетово каде граѓаните фрлаат отпад.

На повеќе места во тетовско складиран смет ја загадува околината. Граѓаните фрлаат отпад во реката Пена, пред православните гробишта редовно се создава куп отпад, до неодамна имаше дива депонија кај претоварната станица.

Освен дивата депонија на претоварната станица на тетовското комунално претријатие, низ градот како и околните села постојат и голем број помали депонии создадени од несовесноста на граѓаните како и неажурноста на локалната самоуправа. Дел од проблемот е и реката Пена во чие корито на моменти има повеќе смет отколку вода. Просторот пред православните гробишта, исто така, е место каде редовно се создава голем куп од отпад.

„Пола град овде фрла, кој ќе стигне фрла. Ова да се тргне од тука. Ни смета, гледај што е, многу смрди, ѓубриште. Мислам дека Тетово е најзагрозен град со тие работи“, велат тетовци.

Градоначалничката Теута Арифи уверува дека реката како и други места тековно се чистат од смет и нема застој или друг вид проблем.

„Ние редовно чистиме два пати годишно. Пред почетокот на годината направивме едно чистење. Ќе треба да се види според програмата дали е предвидено и сега. Додека, како што сте виделе сме расчистиле најголем дел од така наречените мали диви депонии во многу места, како што е во околината на селата. Така што на тоа е интензивно работено“, вели Арифи.

По големиот пожар на 19 август на дивата депонија кај претоварна станица, сметот почна да се отстранува. Тоа според општинските власти е една од фазите за долгорочно решавање на проблемот со справување со отпадот.

Аријанит Џафери од здружението Еко Герила вели дека исчистената дива депонија не е завршена работа, па затоа не треба да се дозволи повторно некаде несоодветно да се складира смет.

„Сепак треба да внимаваме да не се создаде друга депонија. Сме имале случај низ времето кога депонии се исчистиле од едно место и никнале на друго место. Треба да внимаваме да не доаѓа до тоа. Исто така треба да се следи работата каде се фрла овој отпад што се зема од Тетово. Дали се депонира според прописите адекватно како што треба или дали се фрла било каде да не настанат диви депонии низ полиња, низ други села и градови“, рече Џафери.

Од Еко Герила потсетуваат дека постапувањето или непотапувањето околу отпадот е кривично дело со кое се предвидени и затворски казни.

„Според член 218 од Кривичниот законик на Република Македонија, вакво дело и депонирање на смет без стандарди што се смета загадување на животната средина но ипалењето на ѓубрето се смета како кривично дело и се казнува со затвор од 4 до 10 години. Нашите правници работат на тоа“, вели претставникот на организацијата.

Нова претоварна станица, објект за рециклирање, како и стандардизација на регионалната депонија Русино се долгорочните решенија на локалните власти. Нивната конечна реализација на која се чека, треба да придонесе за поефикасно справување со отпадот.