Кандидатите за градоначалници на град Скопје на претстојните локални избори денеска во седиштето на Државната изборна комисија потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Синхоронизирано на различни локации Кодексот го потпишаа и кандидатите за градоначалници во сите општини во Скопје и во целата држава. Учесниците во изборите за градоначалници и членови на советите на општините и град Скопје закажани за 15 октомври го потпишуваат Кодексот врз основа на член 8-в од Изборниот законик.
Со овој Кодекс учесниците на локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат Кодексот и дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи на Македонија, кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваат владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.