Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска соопшти дека претходната Влада потрошила 38 милиони евра за, како што рече, пропаганда и кампањи емитувани на електронски и печатени медиуми во Македонија. Според него, станува збор за кампањите за трето дете, против абортус, истражи ја Македонија, денови на идеи, на дрво, на храна,а во засега утврдените 38 милиони евра не се земени предвид 2006, 2007 и 2016 година. Бошњаковски посочи и дека нејасни се критериумите како се префрлани парите и веројатно сумата е многу поголема со оглед дека не се пресметани парите за кампањите на одделни министерства, туку само средствата кои биле издвоени од Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Најмногу, 23 милиони евра, се за реклами во електронски медиуми, 15 милиони евра се потрошени за кампањи на неколку маркетинг агенции и за огласи во неколку печатени медиуми, а двесте илјади евра отишле за истражување на јавното мислење“, информира Бошњаковски, напоменувајќи дека граѓаните сами ја плаќале пропагандата која се вршела врз нив.
Тој посочи дека новата Влада повеќе нема да дозволи, ниту некогаш ќе биде најголем маркетинг огласувач во Македонија.