Крим-соработник на РСЕ осуден на условна казна

Крим- новинарот Микола Семена во судот, 22.09.2017

Судот во Крим, кој е под руска окупација, денеска го прогласи соработникот на Радио Слободна Европа Микола Семена за виновен за сепаратизам и му изрече условна казна од 2 и пол години во процесот кој од западот се критикува како политички мотивиран.

На 66-годишниот Семена, кој е соработник на украинскиот сервис на РСЕ, му е изречена и забрана за работа во времетраење од три години. Претседателот на Радио Слободна Европа Том Кент ја осуди одлуката на судот опишувајќи ја како дел од „оркестрирани напори на руските власти во Крим да ги замолчат независните гласови“.

Семена беше приведен на 19 април 2016 година во Крим и беше осомничен за дејствување против територијалниот интегритет на руската федерација. Тој смета дека обвинението е политички мотивирано и дека руските власти го темелат случајот врз несоодветен превод на еден од неговите текстови од украински на руски јазик. САД, Европската унија, ОБСЕ и меѓународните медиумски организации изразија загриженост за случајот.