Трамп најави нови санкции против Северна Кореја

Претседателот на САД, Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп рече дека ќе објави нови санкции против Северна Кореја, бидејќи САД и нејзините сојузници го зголемуваат притисокот врз Пјонгјанг за да ја напушти програмата за нуклеарно оружје.

„Ќе воведеме нови санкции против Северна Кореја“, рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, на маргините од Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Трамп во својот говор на Генералното собрание на Обединетите нации на 19 септември, ги повика земјите членки да заземат поостра политика против Северна Кореја.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин денеска повика со нуклеарната криза во Северна Кореја да се постапува на „стабилен начин“. Тој пред Генералното собрание на ОН рече дека иако се потребни санкции за да се доведе Пјонгјанг на преговарачката маса, сепак неговата земја не сака колапс на Северна Кореја.

А, пак, на состанокот со лидерот на Авганистан, Трамп ги пофалил напорите на властите да ги протераат талибанците и терористичките групи од Авганистан.