Груевски – За победа на локалните избори поважен е бројот на општини

Архивска фотографија: Прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Еден од најважните репери за победа на локалните избори е бројот на општините, но значаен е и бројот на гласови, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во синоќешното интервју на телевизијата Алсат-М.

При учеството во емисијата „200“, на прашањето дали е подготвен да си поднесе оставка од лидерската позиција во партијата доколу ги изгуби претстојните локални избори, тој рече дека „претседателот на партијата ја носи најголемата одоворност“.

Коментирајќи ги предложените измени на Законот за употреба на јазиците, Груевски рече Законот за употреба на јазиците е донесен во 2008 година во време на Владата на ВМРО- ДПМНЕ, но сега се залагаат „да не се случи да се донесе закон што ќе биде противуставен и подоцна може да се случи да падне на Уставниот суд“.

Според Груевски, настанот со насилствата во Собранието на 27 април годинава не требало да се случи, но оти голема вина за него имале постапките за избор на претседател на Парламентот.

Груевски оцени дека во 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ преовладувале добрите работи што ги направиле, иако, како што рече, „сигурно направиле и некоја грешка“.

Тој ја негираше содржината на т.н. „бомби“ што ги објави тогашната опозиција, истакнувајќи дека се дело на странски служби.

Рече дека не знае и не може да каже зошто се во бегство поранешниот шеф на петтата управа, Горан Грујовски, и Никола Бошковски, вработен во УБК, но додаде дека „државата е во период во кој се води политичка хајка против неистомислениците на сегашната власт, а особено против поранешни државни функционери и против раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.