Владата го усвои Предлог-законот за амнестија и донесе одлука тој да оди во редовна постапка, соопшти владината служба за информирање. Законот ќе се однесува на точно определени временски одредници. На вчерашната седница, министерот за правда Билен Саљији напоменал дека предлогот за донесување на нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и за растоварување на затворите од прекумерниот број на лица, се вели во соопштението. Тој објаснил и дека со законот не се предвидува амнестија за лица, меѓу другото, правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело „убиство“ од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал.