Петчлена работна група во Министерството за култура го анализира проектот „Скопје 2014“ и ќе му пристапи во фази и по приоритети, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски на денешната прес конференција на тема: „ 100 дена нова влада во културата“.
"За некои споменици и објекти кои се најспорни и за кои има реакции и од јавноста, веќе има првични предлози како да се решат, но ќе ги разгледа и за нив ќе одлучи Владата", изјави Алаѓозовски
"Работната група одлучи на проектот да му пристапи по фази, односно приоритет да им се даде на оние објекти кои се најспорни и за кои и самата јавност бара некаква реакција од нас. Тоа е споменикот на Андон Јанев Ќосето, како и на проектите кои се во различни фази на изградба, со што се уште се создаваат финансиски импликации врз државниот буџет. ", рече Алаѓозовски на прес-конференцијата по повод сто дена Влада.
Toj нагласи дека „Скопје 2014“ е сложен и комплексен проект и во таа смисла работната група ја изработува анализата и по потреба ангажира стручни лица за одредени безбедносни или финансиски аспекти.
"Бидејќи се работи за сложен проект што се состои од илјадници споменици и нова културна инфраструктура, на проблемот му приоѓаме многу внимателно. Токму во таа смисла, проектот „Скопје 2014“ не е вклучен во новата стратегијата за развој на културата. Ние го сметаме овој проект како еден вид вирус што прво треба да го ставиме во карантин, да го третираме изолирано, па откако ќе неправиме одлуки што понатаму со овој проект може, евентуално, да го планираме во идниот развој" истакна министерот за култура.