Пратениците расправаат за зголемување на минималната плата

Собрание на Република Македонија

Собранието денеска ја почна расправата по Предлог-законот за зголемување на минималната плата со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки.

За збор по оваа точка од дневниот ред пријавени се околу 35 пратеници.

Според пратениците од опозицијата, со предлог законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Предлог-законот, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.

Пратениците од парламентарното мнозинство ги негираа обвинувањата, истакнувајќи дека предлог-законот не е предизборен политички маркетинг, туку оти како лево ориентирана партија предлагаат закони кои имаат социјална димензија.

"Ако законот не е издржан, зошто не поднесовте ниту еден амандман да го подобрите текстот на законот", праша Васко Ковачевски од СДСМ.

Големиот број пријавени пратеници од опозицијата пријавени за збор, според СДСМ, е со цел да се одоговлекува донесувањето на овој закон.

На дневен ред на собраниската седница се и предлог законите за решавање на статусот на стечајните работници и за укинување на радиодифузната такса, како и предлог законите за зголемување на платите на вработените во јавната администрација, за издавање вредносни бонови - ваучери и измените на Законот за извршување, поднесени од опозицијата.