Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер, изјави дека преговорите за членство на Србија во ЕУ бараат постојано движење кон подобри односи со Косово, а тој процес треба постепено да води кон нормализирање на односите меѓу двете страни.
„Нормализирањето на односите треба да биде во корист на државјаните на Србија и Косово и тоа е од суштинско значење за зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, истакна Мекалистер, поздравувајќи ја иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за придвижување на дијалогот по ова прашање.
Известувачот на ЕП за Србија нагласи дека ЕУ нема да ги форсира ниту Белград, ниту Приштина да преземат иницијатива, оценувајќи дека „одржлива нормализација на односите никогаш нема да биде постигната со сила, туку само со согласност од двете страни“.