Прашањето за името, Кипар и реформите во Обединетите нации биле главните теми за кои синоќа во Њујорк разговарале грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.
Според Коѕиас, разговорот бил „интересен“, а Гутереш го поздравил и ставот на Грција за миграцискиот проблем.
Во врска со спорот за името, Коѕиас рекол дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара по завршувањето на локалните избори во октомври и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.
„На состанокот беше присутен и господинот Нимиц, кој завчера во Лондон се сретна со Василакис. Како што знаете, соседната земја во октомври има локални избори. Верувам дека после изборите постои прозорец за можности за дискусија за прашањето за името, ако се напушти иредентизмот“, изјави Коѕиас по средбата со Гутереш.
Прес службата на ОН, како што објави грчкото МНР на Твитер, по средбата издала сооштение во кое, меѓу другото, се вели дека генералниот секретар ги поздрави обновените напори за наоѓање решение за спорот за името и го уверил грчкиот министер за надворешни работи во посветеноста на ОН да ги поддржи двете земји во овој контекст.