Економијата во Македонија почнува да се придвижува, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски давајќи отчет за сработеното во првите 100 дена на функцијата. Тој рече дека негова главна цел била да се стави ред во јавните трошења и да се реформира системот на јавни финансии.
Тој се пофали со ребалансот, со кој е предвидено зголемување на минималната плата на 12 илјади денари, со кратењето на непродуктивните трошоци и со намалување на каматите за задолжувањето. Рече дека има неселективен и редовен поврат на ДДВ и зголемена транспарентност на министерството.
Тевдовски рече дека последните податоци укажуваат на тоа дека започнува придвижување на економијата. Додаде дека до крајот на годинава не е планирано издавање на еврообврзница, а буџетот ќе се финансира од домашното задолжување.