Со зборување повеќе јазици до подобро општество

Архивска фотографија - Ученици на прв училиштен час.

Зборувањето повеќе јазици носи општествени и лични придобивки, велат од Нансен Дијалог Џентарот. Познавачите велат дека зборувањето повеќе јазици го збогатува мултикултурализмот, а тоа во Македонија значи подобро општество.

Десетина години по ред во неколку училишта низ Македонија според Нансен моделот за интегрирана настава основци и средношколци од различни етнички заедници се дружат и го учат јазикот на другиот. Двајца наставници од различни јазични подрачја држат настава, а учениците успеваат да научат нови зборови.

„Наставниците кои што ќе работат на проектот мора да организираат два пати неделно заеднички активности за учениците од различно етничко потекло. Двајцата наставници се од различно етничко потекло и во неформалните активности ги користиме двата јазика преку методот на парафразирање. Бенефитот е соработката помеѓу учениците. Учениците, ненаметнато, незадолжително да го знаат вториот јазик или да го изучуваат вториот јазик. Сами наоѓаат начин на кој начин да комуницираат. Факт е дека има подобрување на македонскиот јазик. Или изучување на немакедонскиот јазик кај учениците не-Македонци ако можам така да се изразам“, вели Сашо Стојковски од Нансен Дијалог Центарот.

Познатиот научник славист и познавач на балканските јазици Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, вели освен што учениците почнуваат да разбираат друг јазик ги подобруваат своите психо-физички предиспозиции. Науката покажува дека познавањето повеќе јазици е добро за комуникацијата, но и за развивање на мозокот кај децата, објаснува Фридман.

„Повеќе јазичноста да кажеме е добро за мозокот, добро е и за детето и за стариот. За детето е подобро затоа што повеќе јазични деца се појаки-сакам да кажам во мозокот. Во старост сега знаеме од експериментални податоци дека навистина самиот мозок станува појак од повеќе јазичноста. Нема никакви негативни консеквенции од повеќејазичноста. Освен кога некои политичари сакаат тоа така да биде“, рече научникот.

Лингвистот Марјан Марковиќ вели дека зборувањето повеќе јазици го збогатува мултикултурализмот, а во случај како што е во Македонија тоа значи подобро општество.

„Ние сметаме дека тоа е некој сегмент од нашите живот, но тоа е пошироко и во Европа и во светот. Мултикултурализмот или интеркултурализмот, зависи од аналогијата се разгледува од повеќе аспекти, всушност како луѓето носејќи ги своите култури и воопшто и други елементи од она што го сочинува културата, живеат, соработуваат во едно општество каде има повеќе такви типови на култура, дали тие се слеваат во нешто што би можело да се нарече со заедничко име или задржуваат сегменти од својата посебност“, објаснува универзитетскиот професор и член на Македонската академија на науки и уметности, Марковиќ.

Примената на Нансен моделот резултира и со намалување на бројот на меѓуетнички кофликти.