СДСМ: Законот за употреба на јазиците не е противуставен

Илустрација-седница на Комисијата за европски прашања на која законот за употреба на јазиците помина во прво читање

Законот за употреба на јазиците не е противуставен, туку е во согласност со членот пет од Уставот на Република Македонија и истиот ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници и отвора шанса за изградба на едно општество за сите, наведува СДСМ во писмената реакција на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дадена во Куманово.

"Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ повторно ја манипулираат јавноста со цел да се обидат да создадат нови вештачки поделби. Груевски очигледно останува заробен во сопствените политики на раздор, конфликти и изолација на граѓаните и државата", се вели во реакцијата.

Од СДСМ посочуваат дека за разлика од долгогодишното запоставување на македонскиот јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ системски ја унапредува и употребата на македонскиот јазик.