Коневски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Аеродром, Чурлиновски за Валандово

Архивска фотографија-градоначалникот на општина Аеродром во Скопје, Ивица Коневски.

Актуелниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски е кандидат на ВМРО- ДПМНЕ за прв човек на општината и на претстојните локални избори што ќе се одржат на 15 октомври. Генералниот секретар на опозициската партија Христијан Мицкоски денеска соопшти дека покрај Коневски, извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му предложил на Централниот комитет, а тој пак го усвоил кандидат за Валандово да биде Николче Чурлиновски, исто така актуелен градоналаник.

„Понудата на ВМРО-ДПМНЕ како од аспект на кандидати, така и од аспект на програма и проекти се гаранција дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес и во насока на реализација на потребите на граѓаните на Република Македонија“ наведува Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вчера објави имињата на кандидатите за градоначалници за девет општини. Во Прилеп, Демир Капија, Новаци, Радовиш и во Вевчани партијата повторно ќе ги кандидира актуелните градоначалници: Марјан Ристески, Трајче Димитриев, Лазар Котевски, Сашко Николов и Цветомир Угриноски.

Извршниот комитет на партијата одлучи за градоначалници на Тетово и на Гостивар да ги кандидира пратениците од овие градови Горан Манојлоски и Дафина Стојаноска, а во Брвеница ќе го кандидира претседателот на општинскиот комитет на партијата Стојан Тодороски.

Партијата реши да не го кандидира повторно градоначалникот на скопската општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, кој е на чело на општината од 2005 година. Во оваа општина ВМРО-ДПМНЕ ќе го кандидира поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски.