Владата на Република Македонија на вчерашната 26-та седница ја усвои Декларацијата за слободни и фер избори, како темелна вредност која произлегува од членот 22 од Уставот на Република Македонија, според кој, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Како што соопшти владината прес-служба, согласно со оваа Декаларција, Владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа, да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласање за да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување.
Владата, како што се наведува во соопштението, им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа да обезбедат изборниот процес да се одвива непречено за да се избегне измама или друга незаконитост, и да ја одржат неговата безбедност и интегритет.