Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели синдикатот е незадоволен од соработката со министерството за образование. Тој во интервју за Радио Слободна Европа вели дека социјалниот дијалог и партнерство е на најниско можно ниво досега, и поради тоа синдикатот е незадоволен. Неделков вели дека и први септември помина а синдикатот и натаму е неинформиран во кој правец ќе се случуваат реформите во овој сектор.
„Сега имаме ситуација каде што Владата и ресорните министерства се отворени за граѓанско општество за граѓански организации, за родители, ученици, баби и дедовци. За сите се отворени за разговор, но за репрезентативниот синдикат кој што ги застапува правата и интересите на работниците, со синдикатот во кој членуваат над 90 проценти од вработените во дејноста образование, ресорното министерство нема време да расправа. Во меѓувреме имаме најава за реформи во образованието, а ние само слушаме преку медиуми дека нешто ќе се реформира. Од ова место морам да испратам порака до министерството за образование дека реформи не може да се прават без работниците“ вели Неделков.
На прашањето зошто како синдикат ја поддржаа одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на осомничените од поранешниот владејачки врв, Неделков вели дека и тогаш и сега смета оти тоа била мудра и праведна одлука на Иванов.