ВМРО-ДПМНЕ бара законот за јазиците да биде без европско знаменце

Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

На собраниската Комисија за европски прашања на која денеска на дневен ред е Предлог законот за употреба на јазиците, мнозинството не го прифати барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се повлече европското знаменце од овој Предлог. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог-законот нема допирна точка со усогласувањето со која било европска директива и регулатива. Според него, се работи за класична злоупотреба на европското знаменце за, како што рече, да се спроведе политички договор на две-три партии. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем и против да се отвори дебата за тоа прашање, но, тоа да се одвива во рамки на воспоставените процедури, а не со кршење на Деловникот и Уставот.

Седницата на Комисијата беше прекината пред усвојувањето на дневниот ред откако Милошоски повторно побара процедурално за кое претседателот на Комисијата Артан Груби сметаше дека нема право со оглед на тоа што барањето било дадено во тек на утврдувањето на точката на дневен ред.